Од 21 до 23 август ќе се одржи 38. издание на меѓународната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“, која и годинава ќе обедини поети и автори од Македонија и повеќе европски земји.
Настаните ќе се одржуваат во Велестово и во „Лапидариумот“ во Охрид.
Програмата започнува во петок, 21 август, во Велестово. Од 21 часот ќе се одржи кус музички концерт на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, по што следува „Поетски портрет на Јовица Ивановски“, со поетско читање и разговор воден од Јулијана Величковска.
Во 22:10 часот е предвидено интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое ќе настапат гости од Ирска, Црна Гора, Хрватска, Србија, Бугарија и Романија. Првата фестивалска вечер ќе биде заокружена со изложбата на акварели „Флора“ на Ивана Настески, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово.
Програмата продолжува во сабота, 22 август, во „Лапидариумот“ во Охрид. Од 20 часот ќе се одржи „Диптих #7“ со Павле Горановиќ од Црна Гора и Томица Бајсиќ од Хрватска, на кој ќе бидат промовирани поетските книги „Република на тишината“, избор песни од Горановиќ, и „Собирачи на коски“, избор песни од Бајсиќ, обете во препев на Славе Ѓорѓо Димоски и во издание на „ПНВ Публикации“. Модераторка е Јулијана Величковска.
Од 21 часот е закажано интернационалното поетско читање „Мозаик“, со учество на поети од Романија, Ирска, Србија, Хрватска, Бугарија и Македонија.
Последниот фестивалски ден, недела, 23 август, повторно е во Велестово. Од 19 часот ќе биде промовирана стихозбирката „Удут“ од Вероника Димоска, во издание на „Култура Бета“, како дел од едицијата „Црно сонце“. Промотори ќе бидат Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.
Во 20 часот следува „Диптих #8“ со Звонко Карановиќ од Србија и Маја Ручевиќ Карановиќ од Хрватска, со промоција на поетските книги „Најубавите години од нашите животи“, избор песни од Звонко Карановиќ во препев на Јовица Ивановски, и стихозбирката „Утре ќе правиме ангели во пад“ од Маја Ручевиќ Карановиќ, во препев на Јулијана Величковска. Двете изданија се на „ПНВ Публикации“, а модераторка е Јулијана Величковска.
Во 21 часот програмата ќе биде заокружена со второто интернационално поетско читање „Мозаик #2“.
Годинашното, 38. издание на „Поетска ноќ во Велестово“ е поддржано од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид, а медиумски покровител е OhridNews.
Г.М.











