Прилепчанката Ирена Велевачкоска осум години е дел од македонскиот, а четири од елитниот фудбал во Македонија. Нејзиното место на теренот е по аут линијата, како помошен фудбалски арбитар. Последниве четири години прилепчанката се наоѓа на листата судии кои конкурираат за делење на правдата за натпреварите од Првата и Втората македонска фудбалска лига


Таа во Охрид заедно со прилепските судии ја одржуваа формата пред почеток на фудбалските првенства во Македонија. Велевачкоска истакна дека нема некоја посебна причина или мотивираност за почетокот да се занимава со судењето. Него таа прилика стигнала сосема случајно. Моментално низ македонските фудбалски терен дефилираат десетина женски судии.



– Спортот во крвта ми е од мали нозе. Прво тренирав атлетика, потоа се занимавав со фудбал, а на крајот пројавив желба за фудбалски судија. Немаше некоја посебна мотивираност или причина, едноставно така требало да биде –
рече Велевачкоска.


Иако судењето на Велевачкоска и е примарна цел, таа не го заборава спортот и секогаш слободно време го искористува за спортски активности.


– Во текот на целата сезона мора да бидиме подготвени 100 % што бара голема посветеност. На зима кога ќе заврши полусезоната формата ја одржувам со скијање додека в лето играм тенис и и`се враќам на првата љубов атлетиката – посочи Велевачкоска.

Стартот на Втората и Првата македонска фудбалска лига е закажан на втори односно трети март до тогаш македонските судии треба да ја доведат формата до перфекција за што подобро судење на терените.

Мх.П.