На неколку дена пред Велигденските празници најраздвижено е на охридскиот пазар и во месарниците. Оние кои до сега тоа не го направиле купуваат јагнешко месо за празничниот ручек, при тоа незадоволно коментирајќи ги цените кои деновиве достигнаа 360 денари за килограм јагнешо месо.


Секоја година се случува истото, цените на јагнешкото пред празникот се премногу високи. Минатите години сме купувале и неколку недели пред Велигден за да набавиме месо по пониска цена и го прославиме денот онака како што доликува, но очигледно е дека Велигденскиот ручек полека станува луксуз и можат да си го дозволат само оние со подлабок џеб, велат граѓани кои ги затекнавме во месарниците.


Дел од сопствениците на месарниците најавуваат дека цената на јагнешкото со оглед на големата побарувачка деновиве ќе достигне и до 420 денари за килограм.

Останатите пак тврдат дека ќе дојде до намалување на цената со оглед на тоа дека помина католичкиот Велигден, а со тоа се намали и извозот на јагнешко месо.


Со тоа што деновиве е намален извозот на јагнешко месо за земјите во кои се слави католичкиот Велигден, се зголеми понудата на домашниот пазар, а следствено на тоа треба да дојде и до намалување на цените, велат дел од сопствениците на месарници.

Граѓаните сметаат дека високите цени на јајцата и јагнешкото месо пред Велигденските празници не е оправдано. На анкетата која ја спроведе OhridNews, повеќе од половината анкетирани граѓани односно 53% од нив сметаат дека цените не се издржани. Не е мал бројот и на оние кои сметаат дека трговците сакаат да профитираат од празникот. Ваков одговор дале 38% од анкетираните. Само 5% од нив се изјаснале дека цените на јајцата и јагнешкото се оправдани, додека пак 3% сметаат дека цените се формираат согласно понудата, односно побарувачката.


Годинава, особено високи се и цените на јајцата. Тие на охридскиот пазар се продаваат за цена од 220 до 280 за шаблон. Продавачите тврдат дека деновиве цените на јајцата, дополнително, нема да се зголемат.

Т. Кувенџиска