– На Велики Четврток народен обичај е , но не и црковен, е да се вапцуваат јајца пред изгрејсонце. Тие се чуваат преку годината со цел да донесат среќа и здравје за домот и семејството. Со тоа се дава една мистична, амајлиска вредност што во Христијанството е празноверие, бидејќи не се верува во никакви амајлии, вели Отец Сашо Ристески, парохиски свештеник во црквата Св. Никола, Долна Влашка Маала.
Тој додава дека освен на Велики Четврток, домаќинките можат да ги вапцаат јајцата во било кое време во деновите од Велики Четврток до Христовото Воскреснување.
– Најоргинална боја е црвената, за која се верува дека е симболиката на крвта која Христос ја пролеал при неговите страдања, крвта со која биле натопени камењата каде бил положен. Постои и верување дека Марија Магдалена, првата жена која била еднаква со мажот, прва вапсала црвени јајца и отишла до Рим да го проповеда Христијанството кај римскиот император. Таа ги делела црвените јајца на луѓето поздравувајќи ги со најславниот божествен поздрав Христос Воскресе и секој одговарал со Вистина Воскресе. Јајцето го симболизира и воскреснувањето Христово- како што се испилува пилето од јајцето, така и Христос од запечатениот гроб излегол од гробот и воскреснал, објаснува Отец Сашо.
Во петок се одбележува опелото Христово кога тој се наоѓал во гробот, а симболично се претставува со платно на кое е извезан и претставен Хрисотс положен во гроб и како неговата мајка и следбениците го оплакуваат. Во петок, вечерта, во сите храмови симболично се врши оплакувањето и плаштеницата се положува на маса, украсена со цвеќиња. Таа потоа симболично, претставувајќи го Христовиот гроб, три пати се врти околу храмовите, а потоа повторно се положува на масата која го означува гробот. Луѓето се провираат под симболичниот гроб, и се верува дека со тоа врват под гробот Христов кој ја претставува капијата за во вечниот живот- воскресението. Се верува дека на тој начин докажуваме дека ќе совоскреснеме со Бога.
До Велика сабота на полноќ, владее тишина, сите се во тагување и оплакување. Затоа што оној кој бил изворот на животот е во гроб. Во недела на полноќ со громогласно биење на камбаните се објавува најрадосната вест- Христос воскресна, смртта е победена, означен е влезот во вечноста.
Неизбежно е да се спомнат телесните пости, кои се поголем број верници ги почитуваат и кои се толкуваат како подвиг пред Бога. Според црквата, најдобро е телесните пости да траат цели 6 недели, додавајќи ја при тоа и страсната седмица, зависно од духовната и телесна моќ на верниците. Оние кои не можат без масло, тоа треба да го направат со совет од свештеник и исповед, кој може да им го ублажи постот.