Тетово –Православните верници во градот под Шар Планина, големиот христијански празник Велигден го одбележуваат со многу специфичен обичај. На денот на празникот, сите куќи се отворени за визитари. Како визитари обично шатаат машките од секое семејство, кои како по обичај треба да ги посетат сите домови на роднините и пријателите кои им се драги. Во домовите визитарите ги пречекуваат домаќинките и женските членови на семејството. Визитарите шетаат цел ден, а во секој дом трпезата е поставена со разни јадења, слатки и секако велигденски јајца.
Штип-Во Штип главниот акцент на празникот му се дава во семејните кругови. Сите кои што живет надвор од градот, за овој голем празник доаѓаат дома или кај свои роднини и пријатели. По церковните церемонии во штипските цркви, верниците се собираат на семеен ручек. Се руча јагнешко или свинско месо. По ручекот, по традиција помладите верници треба да одат кај постарите роднини и пријатели и да им честитаат празник.
Гостивар-За верниците од Гостивар, Велигден е најголемиот и најважниот празник. На светата литургија наспроти празникот, во централниот црковен храм ,,Света Богородица”, кој е лоциран во центарот на градот се собираат околу 10.000 верници. Бидејќи вечерта сите не можат да влезат во црквата и да запалат свеќа, си земаат свеќи во рацете и ги горат се до полноќ. Постои верување дека, немажените и неженетите млади, остатокот од догорената свеќa истата ноќ треба да го стават под перница, за да го сонат оној што ќе им биде животен сопатник. Кога камбаните ќе го означат христовото восхресение, се приредува спектакуларен огномет. Веднаш потоа толпата народ се упатува по угостителските објекти, каде што со музика и забава се слави се до раните утрински часови.
Велес-Во централниот град на Македонија, Велигден во домовите се обележува во семејна атмосфера. За Велигден домаќинките сакаат во куќата да си донесат нешто ново,па најчесто купуваат садови за домаќинство или некој предмет. Исто така помладите за овој голем ден, мора да се облечат во нова облека, па пред Велигден бутиците во Велес имаат полни раце работа. По традиција велешките семејства на првиот ден од празникот се собираат на семеен ручек дома, а дури вториот ден од Велигден го користат за посета на пријателите и блиските.












