Жири комисијата составена од пет члена одлучи дека Велигденските јајца изработени од страна на охридските пензионерки се најубаво украсени и ним им ја додели првата награда.
– На манифестацијата учествуваа претставници од 22 здруженија на пензионери од целата земја. Задоволни сме од наградата затоа што таа заслужено отиде во нашите раце.Нашите Велигденски јајца беа најубаво украсени и со верски мотиви и затоа го привлекоја вниманието и на жири комисијата и на присутните, вели претседателката на Активот на пензионерки при здружението на пензионери од Охрид и Дебрца, Ружа Балеска.
Потпретседателката на активот, Миланка Панделеска, информира дека јајцата се украсувале една недела, трпеливо и со големо внимание и љубов.
– Во украсувањето помогнаа и најмладите од детската градинка кои изработија голем број кошнички и други украси, вели Панделеска.
Втората награда за најубави украсени Велигденски јајца им е доделена на пензионерките од Струмица, додека пак третата награда отиде во рацете на учесничките од општина Ѓорче Петров.