По повод најголемиот христијански празник, Воскресение Христово – Велигден, послание до православните верници упати  архиепископот Охридски и Македонски г.г.Стефан и Светскиот архиерејски синод на МПЦ:

Возљубени, Крстот и воскресението Христови се меѓусебно и нераскинливо поврзани. Вочовечениот Син Божји требаше да мине низ страдања до смрт за да ја победи власта на ѓаволот и гревот. Но, Христос не даде едноставно откуп за нашите гревови, зашто Бог не сака спасение на човекот без човекот. Поради тоа, нашето учество во Крстот и Воскресението е целта на доаѓањето на земјата на Синот Божји. Во Крстот учествуваме кога во борба со нашите страсти ги распнуваме нашите гревови, водени од чистата и обестрастена љубов кон Бога и ближните. Од друга страна, егоизмот и себељубието се показатели за духовната смрт на човекот. Поради тоа неопходно е да ја распнеме и погребеме нашата суетност и алчност, та очистувајќи се, да се здобиеме со духовно воскресение. Тоа е возможно само преку литургискиот и светотаински живот во Црквата, проследен со постојано покајание, како средство преку кое ќе го победиме злото, односно гревот. Тоа значи секојдневна борба за преобразување на своето себељубие во искрена, несебична и нелицемерна љубов кон ближните, поткрепена со благодатта Божја преку учествуво во животот на Црквата, а пред сè во Светата Литургија. Без копнеж за соединување со Бога, невозможно е умртвување на гревот и духовно воскресение, бидејќи сè што правиме треба да правиме во содејство со Божјата волја. Бог ништо не ни дава на сила, туку ја чека согласноста на нашата слободна волја за да може да ни го дарува очистувањето на срцето и просветлувањето на умот, коешто претставува воскресение пред воскресението.

Возљубени чеда во Господа, Христовото воскресение е најзасведочениот историски настан, иако се случил во тајност. Всушност, и нема историски настан кој бил толку многу оспоруван колку што е Хриството воскресение. Но, Воскреснатиот Христос можат да Го видат и да сведочат за Него само оние кои се духовно подготвени. Па, зар апостолите со неспоредливите аргументи на внатрешното духовно воскресение не ги побиле сите приговори на противниците на Христа?! Впрочем, тие, како најдиректни сведоци на воскресението, поттикнати од љубовта кон Воскреснатиот и кон сите народи, тргнале храбро по целиот свет да ја благовестат најрадосната вест – дека Христос воскресна и врз темелите на тој факт ги организирале првите помесни црковни заедници. Така, радосната вест за Христовото воскресение на нашиве македонски простори стигнала уште во апостолско време, а древната и славна Охридска архиепископија со векови била во Македонија и сведок и чувар на вистината за воскресението на Синот Божји. Неправедно укината, таа духовна светилка со надеж го чекаше своето воскресение, и го дочека: нашата Охридска архиепископија, по неизмерната милост Божја, пред 45 години воскресна во лицето на Македонската православна црква преку одлуката на нашите богољубиви предци, донесена на Третиот црковно-народен собор во Охрид, во 1967 година. Затоа, имаме особена радост, во светлината на Празникот над празниците, да објавиме дека оваа година ќе одбележиме значаен настан од нашето самостојно црковно живеење – четири и пол децении возобновена автокефалност на Охридската архиепископија.
Со овој историски чин нашиот благочестив народ повторно го доби она што со векови пред тоа го имаше, она што светите апостоли ни го втемелија, а нашите претходници се залагаа и трудеа да опстои и духовно да напредува – доби своја Духовна Мајка – Црква, со свои домородни пастири кои ќе го раководат од Бога доверениот им народ.

Возљубени во Христа воскреснатиот, Христовото воскресение беше и е оспорувано и негирано од многумина, за кои апостолот вели: очи имаат и не гледаат, уши имаат и не слушаат (Мк 8: 18). И воскресението на нашата помесна Македонска православна црква, кое се случи во далечната 1967 година, за некои е сè уште „реалност која не постои“. Но, вистинската реалност е и видлива и богоугодна! Делата и плодовите постигнати и принесени од нашата Црква во текот на самостојното живеење во црковна и национална слобода, не би биле возможни без штедрото делување на Божјата благодат во неа. Затоа, сите оспорувачи и негатори на воскресението и на нашето дело, нека се сетат на мудриот совет што еврејскиот учител Гамалиил го упатил до Синедрионот во времето кога апостолите ја започнале христијанската мисија: Оставете ги овие луѓе на мир, затоа што ако тоа дело е од луѓе, ќе се разруши, а ако е од Бога, вие не можете да го разрушите. Внимавајте да не станете борци против Бога (Дела 5, 38-39). Затоа, братски и во љубов им порачуваме на сите кои на кој било начин и во кој било поглед нè негираат, да разберат дека Македонската православна црква во целост го исповеда учењето на Православната црква, ги следи и исполнува одлуките и каноните на светите собори и исповеданијата на светите отци. Бидејќи е Ден на Воскресение, да се просветлиме со торжеството, и еден со друг да се прегрнеме!…И на оние што нè мразат да им речеме: Браќа, да простиме сè со Воскресението… Зашто, простувањето не само што не го исклучува, туку му дава единствена и најголема вредност на достоинството на секој народ. Единственото успешно оружје за борба против искушенијата од ѓаволот и непријателите е простувањето, кое извира од љубовта и раѓа нова и зголемена љубов!

Благочестиви чеда на нашата Света Црква, и во оваа прилика сакаме да ја упатиме нашата архипастирска порака до вас, дека со помош на Божјата благодат, по молитвите на светите Климент и Наум и сите светии и борци за наша духовна слобода, треба да растеме во верата и љубовта, за на тој начин да Му принесеме на Бога соодветни духовни дарови.

Испраќајќи ви го нашиот архипастирски благослов по повод Воскресението Христово, ви ја пренесуваме Христовата порака за мир и љубов. Му се молиме на Воскреснатиот Христос да нè дарува богато со Својата благодат и да нè поткрепува во нашиот живот, та со чисто срце, единодушно и цврсто стоејќи во нашата православна вера да ја објавиме на сите најрадосната вест, дека – ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
† СТЕФАН
со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква