
Свети Јован Златоуст вели дека оваа недела не се вика Велика затоа што деновите во неа се поголеми или помногубројни, туку затоа што во неа Господ направил големи дела: разрушено е царството на Ѓаволот, уништена е смртта, победен е гревот, симнато е проклетството, отворен е Рајот и небото им станало достапно на луѓето. На тој начин луѓето се соединиле со ангелите, урнат е и отстранет преградниот ѕид и Богот на мирот ги измирил небесното и овоземното.
Велигден е продолжение на старозаветниот еврејски празник Пасха, кој Евреите сеуште го празнуваат во чест на ослободувањето на еврејскиот народ од Египет. Буквалното значење на зборот Пасха е премин и се однесува на преминувањето на еврејскиот народ од Египет во Израел. И во христијанството Пасха значи премин со Христа од смртта во животот и од земјата кон небото, во вечниот блажен живот.
Правилата по кои денес се одредува датумот на кој се паѓа Велигден се дефинирани дури во 526 година. Според овие правила, Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него. Ако е пред Пасха, Велигден се одлага за првата недела по следната полна месечина, а ако се совпаднат во ист ден се одлага за следната недела. Значи Велигден може да се падне на 35 датуми од 4 април до 8 мај, што значи два дена по Ѓурѓовден. Православната црква датумот на кој се паѓа Велигден го одредува според стариот Јулијански календар, додека Католичката црква тоа го прави според новиот Грегоријански календар.









