
Поради распнувањето и смртта на Исус, Велики Петок се смета за најтежок празник во годината. Тогаш не се работи, дури и не се готви храна. Се вели дека на овој ден не треба да се јаде, а камоли да се работи. Како на строг пост, како што се вика „пост на вода“ тој ден во црквата луѓето се честат со леб, пипер и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќе се остава на плаштеникот – оплакувањето Христово. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
На Велики Петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „плаштеница – плаштаница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под плаштеницата, верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кој верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.
По повод Велики Петок во сите парохиски цркви во Охрид ќе се одржат Царски часови.
Јасминка Т. Момироска










