Формирање Влада на доверба која би ги спровела локалните избори и во која со клучните министерства за одвивање на еден изборен процес, меѓу кои за правда, внатрешни работи и финансии,  би раководеле луѓе прифатени со консензус од сите парламентарни политички партии.

Ова е едно од условните барања, со акламација усвоени, на вчера одржаната вонредна седница на централниот одбор на СДСМ.

Се покажа дека оваа власт нема ниту намера, ниту капацитет да спроведе регуларни, фер и демократски избори во Македонија, затоа донесовме заклучок со условни барања кои доколку власта не ги исполни, СДСМ нема да оди на локални избори. Само со формирање влада на доверба опозицијата и граѓаните би можеле да се надеваат дека нема да се злоупотреби граѓанското право на избор.  Поради настаните на 24 декември повеќе не функционира парламентот, па затоа бараме и организирање на предвремени парламентарни избори, изјави за OhridNews охридскиот пратеник од СДСМ, Митре Велјаноски.


Како што потенцира Велјаноски, секоја сериозна власт на која поважна и е Македонија и државните интереси, без размислување би требало да ги прифати барањата.

–    Власта ако е сигурна дека ја има довербата на граѓаните, нема никаква причина да не ги прифати барањата кои се заштитен механизам на опозицијата со цел да се осигура дека нема да се злоупотреби гласачката волја на народот, додава Велјаноски.

На вонредната седница на централниот одбор на СДСМ се донел заклучок и за измена на изборниот закон со имплементирање на суштинските пораки на ОБСЕ, а биле повторени и барањата за прочистување на изборните списоци, како и барањата да престане злоупотребата на народни пари за партиски рекламирања на партијата на власт, како и барањето МРТВ да престане да биде партиски мегафон.


Велјаноски додава дека протестите на опозицијата продолжуваат до разрешување на настанатата политичка криза во Македонија. Со почеток во 18 часот денес тие ќе се одржат кај Стариот чинар.
 
–    Доколку не се прифатат барањата, опозицијата друг механизам нема, освен да остане на улица и да го крене гласот и побара подршка од сите слободоумни граѓани кои размислуваат за иднината и ја сакаат својата таковина, вели охридскиот пратеник.

За намалувањето на платата на пратениците кои го бојкотираат парламентот, Велјаноски со одговор- банално е да се коментира таков потег во услови кога опозицијата се бори за враќање на погазениот устав и парламентарната демократија во земјата.

Тања Кувенџиска