Се повеќе охриѓани се одлучуваат да го користат велосипедот како алтернативно превозно средство. Иако дел од граѓаните сакаат да се рекреираат вон сообраќајниот метеж, недостасуваат соодветни патеки, што сериозно влијае на безбедноста, велат велосипедистите.
Многумина посочуваат дека една од ретките велосипедски патеки во градот, онаа на булеварот „Туристичка“, е во лоша состојба и речиси е невозможно нејзино користење.
„Поголемиот дел од патеката има оштетен асфалт, а на места се украдени металните капаци од шахтите што претставува дополнителен проблем за велосипедистите. Исто така, на одредени делови корењата од дрвјата ја оштетуваат патеката, па приморани сме да возиме во коловозните ленти.“ – велат велосипедисти.
Узурпација на велосипедските патеки
Од друга страна, ниската сообраќајна култура кај поединци и неодговорноста на дел од сопственицити на автомобили, ги мачи многумина кои секојдневно го користат велосипед на улиците „Димитар Влахов“ и „Македонски просветители“.
„Патеките предвидени за велосипеди често пати се користат од страна на мопедите. Исто така, неодговорни поединци ги паркираат колите на овие потези, па мора да сме крајно внимателни и да возиме на улицата. Велосипедот не го користат само возрасните, туку и малите деца.“ – реагираат граѓаните.
Паркинг за велосипедите само на неколку локации во градот
Освен во централното градско подрачје, на неколку локации во периферијата и пред некои од големите супер-маркети, во градот не постои соодветен паркинг кој ќе биде наменет за велосипедите.
„Честопати се соочуваме со проблеми, бидејќи немаме соодветно место каде да ги оставиме нашите велосипеди, а истите да бидат безбедни. Во текот на летото, на голем број плажи и пред дел од кафетериите, немаше простор каде можеа да остават велосипедите.“ – реагираат охриѓани.
Критичната маса во светот ја диктира велосипедската култура
Додека Охрид, како и повеќето градови ширум земјава се уште нема соодветни велосипедски патеки кои на граѓаните ќе им обезбедат безбедност и сигурност во сообраќајот, во балканските метрополи се дебатира за поголема промоција на велосипедизмот и проблемите со кои се соочуваат велосипедистите.
Таканаречениот проект Критична велосипедска маса во Софија и Белград резултираа со менување на политиките на властите кон велосипедизмот, а слични обиди да се сврти вниманието кон велосипедизмот има и кај нас
O.T.