Со презентација и велосипедско дефиле, денес, во Охрид се одбележа Денот без автомобили кој се организира во рамки на Европската недела на мобилност. Бројни ученици и граѓани се приклучија кон одбележувањето, давајќи порака што повеќе да се користат велосипедите, а што помалку автомобилите со цел поголема заштита на животната средина.

Настанот успешно го организираше Одделението за заштита и влијание на животна средина, при општина Охрид

Како што истакна во своето обраќање на презентацијата заменик градоначалникот, Константин Георгиевски, со одбележувањето на Денот без автомобили, се упатува силна порака дека со мудро одбирање на начинот на секојдневен транспорт, се заштедува домашниот буџет, се подобрува нашето здравје, а воедно се намалува загадувањето од транспортот.

  • Со секојдневна употреба на велосипедите градот би станал поопуштен, без врева и нервоза, а одењето на работа или прошетките стануваат задоволство. Ние како одговорна локална самоуправа сме упорни во нашите настојувања да обезбедиме што повеќе велосипедски и пешачки патеки. Деновиве со хоризонтална сигнализација се обележа улицата „Кеј Македонија“, а се обележаа и постојните велосипедски патеки на улиците низ градот. Со оваа активност се продолжува унапредувањето и зголемувањето на можноста за возење велосипеди, рече Георгиевски.

Тој додаде дека со новата стратегија за одвивање на сообраќајот во Охрид бројот на велосипедски патеки значително ќе се зголеми.

По завршувањето на велосипедското дефиле беа доделени награди за учесниците. Мини пумпа добија: Матеј Илоски, Климент Шуканов и Елена Аврамоска. Кациги им беа доделени на: Сашо Ставрески, Бора Каќел, Лазар Стојаноски, Христијан Нестороски, Петар Додевски, Виктор Чачов, Стефан Жупан, Виктор Кузманоски.

Главната награда – Велосипед, ја доби Иван Цекиќ.

Предно лед светло добија: Петар Војдиновски, Жанко Голабовски. Задно светло: Ана Тодороска, Мартин Стојаноски. Рачки за велосипед: Никола Јовановски и Мартин Иваноски. Педали: Ајлин Реџеп, Спасе Иваноски. Торба за велосипед: Анѓел Ѓорев, Драгица Петаноска Голабоска. Ракавици: Никола Рувинов, Марино Макачоски, а шише со носач на велосипед добија: Јован Наумоски и Танер Изет.

Настаните посветени на одржлива мобилност во урбаните средини, годинава се одржуваат на тема Мултимодалност –„Комбинирај и движи се“.

OhridNews