Проблемот со името не е билатерален проблем, туку меѓународен проблем, изјавил шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, коментирајќи ги забелешките на европратениците дека постои билатерален проблем меѓу Македонија и Грција во однос на името.

– Проблемот со името не е билатерален проблем, тој е меѓународен проблем. Дијалогот, преговорите, услугите на посредникот Нимиц се втемелени врз две резолуции на ООН и на фундаменталниот принцип на европските придобивки, на европското право, односно на принципот на почитување на резолуциите на ООН”, изјавил Венизелос, чија земја е актуелен претседавач со Европската унија.

Тој го повторил и грчкиот став дека проблемот со името не е единствената препрека за Македонија за започнувањето на пристапните преговори со ЕУ, туку дека се работи и за исполнувањето на Копенхашките критериуми.

– Проблемот е реализацијата и почитувањето на општите критериуми кои треба да ги почитуваат сите земји кандидати и тоа што важи за сите земји кандидати, важи и за ПЈРМ”, порачал Венизелос потенцирајќи дека станува збор за „почитувањето на меѓународното право, регионалната стабилност, иредентизмот – кој го кажува или го крие своето име, како и добрососедските односи.

OhridNews

извор: Макфакс