Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам. На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

Карактеристично за овој празник е принесувањето жртва – курбан, која има симболика на приближување кон Бога. Како курбан најчесто се принесуваат овни или телиња. Обичајот го изведуваат сите кои имаат можност, а тие кои принеле жртва, потоа им раздаваат од месото на сиромашните, соседите и на роднините. Курбан Бајрам трае три дена. Со овој празник се крунисува аџилакот, кој важи за петти темел на исламот.

По повод празникот, честитки до верниците упатија поглаварот на Исламската верска зедница Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаи и државниот врв.

Како празник на дарувањето и на помагањето, Курбан бајрам ја истакнува благородноста на човекот, мотивирајќи нè да се грижиме за сите членови на заедницата. Како општество, отсекогаш се истакнуваме со солидарноста, сплотеноста, почитта и грижата, и тоа мора и понатаму да го чуваме и да го негуваме.

Живееме во сложени и динамични времиња со тектонски политички и економски промени на глобално ниво, коишто бараат мудрост, заедништво и силна волја и истрајност.

Да се потпреме еден на друг, да ги развиваме емпатијата и солидарноста, и суштински да се залагаме за благосостојбата на сите наши сограѓани и за просперитет на татковината!

Честит Курбан бајрам.

Гордана Сиљановска Давкова – Претседателка на државата.

Првиот ден на Курбан Бајрам, е неработен ден за граѓаните од муслиманската вероисповед во државава.

Г.М.