Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам. На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

По повод празникот, поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул улема ефенди Шаќир Фетаи упати порака до верниците, осврнувајќи на аџилакот и пренесувањето жртва – курбан, посочувајќи на нивното значење.
Овој празник го прави верникот свесен да ги оттурне од себе омразата, љубомората, агресивноста, потценувањето, дискриминацијата и поделбите. Тој симболизира висока свест за Создателот, грижа за здравото семејство, блискост меѓу луѓето, мудрост во постапките, љубов кон блиските, родителите и семејството, зацврстување на меѓучовечките врски, избегнување конфликти меѓу државите и народите, како и ширење мир, толеранција и солидарност за издигнување на поединецот, семејството и општеството во целина. По повод овој голем празник, ја користам оваа прилика, во име на Исламска верска заедница на РСМ и во мое лично име, да ви ги упатам најискрените и најсрдечните честитки до сите верници, нашите семејства, како и до нашите сонародници каде и да живеат. Честит Курбан Бајрам!, рече Фетаи во честитката.
Првиот ден на Курбан Бајрам, е неработен ден за граѓаните од муслиманската вероисповед во државава.
OhridNews












