Голем број верници денеска се упатија кон манастирот Св. Наум Охридски на јужниот брег од Охридското Езеро, каде светителот во десетиот век подигнал христијански храм.

Дел од верниците до Св. Наум пристигнаа со бродовите Александрија 1 и 2, кои по повод празникот до светилиштето денеска пловеа по симболична цена.

Во манастирската црква утрово се одржа света архиерејска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј. Верниците палеа свеќи за здравје и се поклонуваа пред гробот на Св. Наум Охридски, за кој се верува дека има чудотворна моќ.

На денешен ден се празнува денот на раѓањето на Св. Наум Охридски. Св Наум заедно со Св. Климент Охридски се ученици на славните светители Кирил и Методи. По завршувањето на Моравската мисија Св. Наум заедно со Св. Климент својата благородна мисија на ширење на словенската писменост и култура ја продолжиле во областа Кутмичевица на брегот на Охридското Езеро. Тие се основоположници на охридската книжевна школа. 

Св. Наум освен по книжевната работа меѓу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе претежно душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки направил и многу чуда, а некои од неговите чуда се претставени и на фреските од неговиот манастир како таа на која е претставен Св. Наум кој ги впрегнал заедно волот и мечката да ораат.

Св. Наум се упокоил во 910 година. 

OhridNews
фото: Емилио