
Дека поделеноста меѓу граѓаните по ова прашање е видлива говорат и резултатите од анкетата што деновиве ја спроведе нашиот интернет портал. На прашањето „Дали веронауката треба да се изучува во училиштата?“, 43% од читателите кои беа опфатени со анкетата одговориле дека не треба овој предмет да се изучува во училиштата, 39% сметат дека веронауката треба да се изучува во училиштата бидејќи не ја загрозува секуларноста на државата. Од анкетираните 9% сметаат дека изучувањето на веронауката во училиштата е спротивно на Уставот, а идентичен е процентот на тие кои сметат дека во образованието за религиите треба да се учат само научните факти. Со анкетата беа опфатени 1490 читатели.

На иста линија се и вероучителите и дел од родителите на учениците, кои сметаат дека веронауката како изборен предмет не ја загрозува секуларноста на државата и таа треба и натаму да се изучува во основните училишта, како што тоа е случај во четириесетина други држави во Европа.
Спротивно на ова, дел од јавноста смета дека веронауката треба да ја организираат верските заедници во нивните храмови и дека таа не треба да се изучува во училиштата, бидејќи на тој начин се врши уште подлабока поделба помеѓу младите по верска основа, што е опасно за мултиетничка држава како нашата.












