Вешта измамничка оштетила неколку охридски хотели во кои преноќувала без да плати, дознава OhridNews. Таа се претставувала како извесна Зорка М. и под изговор дека ја заборавила личната карта при пријавување во хотелите оставала трансакциона картичка, за која се претпоставува дека е украдена. Без да плати напуштала еден и се селела во друг хотел.

Измамничката била откриена случајно во разговор помеѓу сопственик на хотел во кој таа отседнала и колега кој му посочил дека гостинка која престојувала во неговиот објект неколку дена, си заминала без да плати. За случајот била известена полицијата, но сомнителното лице не е идентификувано, затоа што не поседувало никаков личен документ.

Измамничката на возраст од околу 40 години била исклучително претставителна,  а според акцентот се претпоставува дека е најверојатно од Скопје или Куманово.

На оштетените хотелиери од страна на полицијата им било советувано да покренат приватна тужба за наплата на трошоците, бидејќи полицијата согласно законот не може присилно да изврши наплата. Хотелиерот со кој контактираше OhridNews, не информираше дека ваква измама пријавиле повеќе охридски хотели. Со цел да не се повтори нешто слично за случајот се известени сите хотели на ривиерата, а предупредување е испратено и до приватните станоиздавачи.

Горан Момироски