Во водите на Охридското Езеро во август ќе се одржи Третата меѓународна веслачка регата, која што ќе обедини веслачи од целиот Балкан, во организација на Веслачкиот клуб „Горица Ремо”.

Веслачкиот клуб „Горица Ремо“ со задоволство ја најавува Меморијалната трка во чест и сеќавање на нашата сакана и незаборавна Јулијана Николиќ. Во знак на траен спомен за нејзината извонредност и придонес кон веслањето, донесена е едногласна одлука трката во скиф за јуниорки да биде официјално прогласена за меморијална трка посветена токму на неа, посочуваат од клубот.

Оваа иницијатива поттикната од веслачкиот клуб Горица Ремо, велат, произлезе од длабоката желба да се зачува споменот на Јулијана – веслачка, тренерка и спортски работник која со својот труд, посветеност и неизмерна љубов кон веслањето, остави неизбришлива трага во спортската историја на Охрид.

Нејзината страст, нејзините победи и нејзината упорност се вткаени во секој бран на езерото со нејзините завеслаи. Јулијана беше повеќе од веслачка. Таа беше инспирација, пример за посветеност, упорност и вистински спортски дух. Нејзината страст кон веслањето, нејзината непоколеблива сила и нејзината топлина засекогаш ќе останат врежани во нашите срца. Со оваа меморијална трка во дисциплината скиф за јуниорки, сакаме да го зачуваме нејзиното наследство и да ги поттикнеме идните генерации веслачки да го следат нејзиниот пат, стремејќи се кон извонредност со ист жар како Јулијана, додаваат од ВК „Горица Ремо“.

OhridNews