Веслачките на Горица Ремо со извонреден успех на Меѓународната регата Војводина опен во Палиќ, која се оддржа по 63 пат.

Со 5 одличја се закитија веслачките Александра Маленкоска и Исабела Димовска, кои веслаа во мастерс категории. Тоа е категорија која ги слави оние кои продолжиле да ја негуваат својата страст за спортот, претворајќи го во активен и здрав начин на живот.

Маленкоска освои бронзи во скиф мастерс Б и микс дубал со веслачот од ВК Зренекс, Зрењанин, додека во дубал мастерс А извесла до златото со клубската колешка Исабела Димоска, воедно Исабела освои и злато во скиф мастерс А.

Охридските Мастерс веслачки се вистински пример дека посветеноста и желбата за натпревар можат да траат цел живот, инспирирајќи ги сите генерации. Ова не е само победа на вода, туку и триумф на страста, истрајноста и доживотната љубов кон веслањето, докажувајќи дека годините се само бројка кога станува збор за спортскиот дух. Нивниот настап беше вистинска лекција за тоа како искуството, во комбинација со беспрекорна техника и тимски дух, води до врвни резултати. Овој успех не само што го става Охрид на мапата на регионалното Мастерс веслање, туку служи и како огромна инспирација за сите нас. Тој покажува дека никогаш не е доцна да се следат своите страсти, да се одржува активен живот и да се постигнат спортски цели, велат од ВК Горица Ремо.

Најмладата веслачка на Горица Ремо, Ана Ничевска, настапи во скиф за пионерки и дубал за пионерки во комбинација со веслачка од ВК Бегеј, Зрењанин каде што извеслаа до 4 место во квалификациите.

Иако не успеа да влезе во финалето, ова постигнување е показател за посветеност, талент и напорен тренинг, кој ќе се искористи како мотивација за идните предизвици, додаваат од клубот.

OhridNews