Ветераните играорци, поранешни членови на КУД „Гердан“ од Охрид, деновие беа гости на нивните колеги од Културно-уметничкото друштво „Краљ Томислав“ од Биоград на Мору, Република Хрватска. Тие заедно учествуваа на манифестацијата „Теби Граде“ што секоја година се одржува во Биоград на Мору, по повод празникот посветен на Света Анастасија – патрон и заштитник на градот.
Охридските играорци со своите настапи во текот на вечерта ја збогатија манифестацијата, презентирајќи го богатиот македонски фолклор, за што беа наградени со заслужени аплаузи.
Тие беа поканети на прием и свечена вечера што по повод празникот ја огранизираше градоначалникот на Биоград на Мору, Иван Кнез. Нашите играорци ја искористија средбата за на домаќините да им подарат пригодни подароци како охридски бисер, филигрански украси, монографијата за фестивалот „Охридско лето“, како и промотивен материјал за Охрид.
Посетата на охридските гости предизвика внимание кај сите медиуми во градот и регионот, а голема репортажа за целата манифестација објави и најтиражниот регионален весник „Задарски лист“.
Охридските играорци – ветерани, беа гости и на членовите на Македонското културно друштво „Македонија“ од Сплит, што ги обединува Македонците кои живеат и работат во тој дел на Хрватска, а преку хорот, фолклорната група и две музички секции ги негуваат македонските песни, игри и обичаи надвор од татковината. Средбата со нашинците во Сплит не можела да мине без игра и песна, што било мошне емотивно за некои од Македонците кои со децении живеат таму.
OhridNews