Ветераните на најстарото Културно-уметничко друштво во Охрид КУД „Ѓердан денеска заминуваат за Унгарија каде ќе учествуваат на 15-от Меѓународен фестивал на фолклор што од 16 до 21 авугуст ќе се одржува во Мохач.

Станува збор за играорци и членови на оркестарот  на „Ѓердан“ кои ја сочинуваа првата постава на ансамблот „Ѓердан“ пред повеќе од две и пол децении.

Уметничкиот раководител на КУД „Ѓердан“ Александар Петроски, за „Охридњуз“ изјави дека ова патување е дел од годинешните предвидени активности на ансамблот, односно дека турнејата во Унгарија е планирана уште пред повеќе од пет месеци, колку што и траеа подготовките на ветераните за што поуспешно претставување на фестивалот во Мохач.

– Преходно минатиот месец на фестивал во Ниш патуваше подмладокот на друштвото, сега патуваат ветераните во Унгарија, а првата постава на ансамблот ќе учествува идниот месец на два меѓународни фестивали во Анкара и во Истанбул, така што оваа година сите генерации членови на друштвото ќе имаат можност да ги презентираат своите вештини, се разбира и богатиот и атрактивен македонски фолклор пред меѓународната јавност, рече Петроски.

Ветераните на „Ѓердан“ во Унгарија ќе престојуваат една седмица, а на враќање е предвидена и посета на збратименото Културно-уметничко друштво „Џидо“ од Бечеј.

КУД „Ѓердан“ во своето повеќе од четиридецениско опстојување има настапувано на повеќе од 70 Интернационални фолклорни фестивали ширум Европа, успешно презентирајќи ја македонската песна и игра.

OhridNews