Ветераните на Културно-уметничкото друштво „Гердан“ од Охрид вечерва заминуваат за Република Бугарија, каде ќе настапуваат на големата прослава што по повод православниот празник Спасовден се организира во градот Златица.
Станува збор за играорци и членови на оркестарот на „Ѓердан“ кои ја сочинуваа првата постава на ансамблот „Ѓердан“ пред повеќе од две и пол децении.
Гостувањето во Бугарија се реализира на покана на градоначалничката на Златица, Магдалена Иванова, а благодарение на добрата меѓусебна соработка на неколку угостители и бизнисмени од двата града.
Големиот народен собор во Златица ќе биде збогатен со богата културно-уметничка програма, со учество на повеќе фоклорни ансамбли.
Патувањето на членовите на „Гердан“ го поддржа и локалната самоуправа, која ги покри трошоците за превозот.
КУД „Гердан“ е најстарото фолклорно друштво во Охрид. Во своето повеќе од четиридецениско опстојување има настапувано на повеќе од 70 Интернационални фолклорни фестивали ширум Европа, успешно презентирајќи ја македонската песна и игра.