Вевчани со векови го негува и презентира фолклорното творештво на македонскиот народ. Од самото срце на Вевчани, од прекрасната недопрена природа, во живо сеќавање ги одржуваме спомените за традицијата, битот и духот на овој народ, рече синоќа заменик министерот за култура, Драган Недељковиќ, пред присутните во Домот на култура во Вевчани каде по четврти пат се оддржува меѓународниот фолклорен фестивал „Пображење“.
Годинава манифестацијата, поради неодамнешната трагедија со двојното убиство, измина во знакот на научна трибина на тема „Регионалната етнологија и етничките карактеристики во Македонија во почетокот на 20 век“ и „Нематеријалното културно наследство на Вевчани“ без најавените фолклорни содржини и концертот на групата Љубојна.
На научната вечер пред вевчанци и гостите зборуваа доц. д-р Даворин Трпевски од Институтот за етнологија и антропологија при Природно математичкиот факултет-, м-р Ивона Опетческа Татарчевска етнокореолог виш соработник за фолклорни добра во Управата за заштита на културното наследство.
„Во етнологијата регионализацијата се прави од аспект на материјалната култура како народна носиа, покуќнина, живеалишта, од аспект на социјалната односно како биле луѓето организирани во едно место и од аспект на духовната култура, обичаи, приказни, песни поговорки. Сето тоа допринесува да се направат културни предели и на тој начин да се истражуваат.“ – вели Трпевски.
Според Опетческа две манифестации го допираат наследството во Вевчани, „Вевчанскиот карневал“ и „Лазарките на Дримкол“.
„Целта на научната трибина е да се потикне соработката со локалната заедница, пред се да има заедничка иницијатива и преземање на соодветни обврски за натамошно негување и практикување на овој вид наследство. Локалната заеница треба да ги прифати условите пропишани во делот за заштита.“ – изјави Опетческа.
Покровител на Фестивалот „Пображење“ е општина Вевчани и Министерството за култура на Р. Македонија
OhridNews