Вевчанскиот карневал беше грубо злоупотребен и искористен како политичка алатка за исполнување на одредени цели од страна на организаторите на вчерашните протести и Градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко. Потврда за нашите констатации е и фактот што, тие се оддржуваат по 14 дена од оддржувањето на карневалот, стои во писмената реакција испратена од општина Вевчани по повод вчера одржаните протести во Струга од страна на граѓаните од муслиманска вероисповед.

Вевчанскиот карневал е постар од 1.400 години и претставува отворен театар во кој учесниците под маска, во еден слободарски дух ја претставуваат сопствената перцепција за настаните и личностите што ја одбележале годината. Во тој дух на овогодинешниот карневал, како и во минатото, беа претставени најразлични маски за кои што никогаш немало реакции и никогаш не биле со цел да навредат некого, стои во дописот.

Општина Вевчани се обраќа со апел до струшкиот градоначалник и организаторите на протестите да престанат да играат со чувствата на граѓаните со цел да добијат ситни политички поени.

– Овие настани заради својата сензитивност носат голема одговорност за организаторите пред се заради последиците што би произлегле од ваквото неодговорно однесување, велат од општина Вевчани.

Оттаму изразуваат и жалење и осуда на обидот да се нарушат вековните пријателски односи што ги граделе вевчанци со жителите муслимани од струшкиот регион.

OhridNews