Меѓународната културно-научна манифестација „Печалбарски денови“ и Вевчанско културно лето „Вевкул  2014″ распишаа Меѓународен конкурс за карикатура на тема „Ева и Адам на карневал“.

Како што се наведува во конкурсот, право на учество имаат сите кои цртаат карикатури и имаат смисла за хумор и сатира. Бројот на карикатури со кој може да учествува еден автор-карикатурист не е ограничен. Жири комисијата составена од пет члена е предвидено на авторите на најдобрите карикатури да им додели три награди- златна, сребрена и бронзена  маска. Од наградените и селектирани карикатури ќе биде организирана изложба во летниот период 2014 во Вевчани , а истите ќе бидат изложени уште и во неколку градови во Република Македонија.

Карикатурите, со податоци за авторот, може да се испраќаат на адресата: ОПШТИНА ВЕВЧАНИ (за Конкурсот за карикатура) 6335 Вевчани Република Македонија.

Рок за испраќање на творбите е 30 декември 2013 год, а резултатите од извршениот избор на жири комисијата ќе бидат соопштени на 19 јануари 2014 год. (на ден Водици), преку средствата за јавно информирање.

Спонзор на Меѓународниот конкурс за карикатури е Општина Вевчани.

OhridNews