Заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ на денес одржаната прес-конференција истакна дека Министерството за култура традиционално го помага карневалот во Вевчани.
-Да се биде дел од Вевчанскиот карневал секогаш е големо задоволство. Радува фактот што овој карневал од година во година има сѐ поголем број посетители и нови содржини кои не само што наидуваат на позитивен одзив кај домашните гости, туку претставуваат предизвик и за гостите од странство кои можат да се запознаат со нашата многувековна култура и традиција- рече Недељковиќ.
Градоначалникот на Вевчани Перо Илиевски упати покана од 12 до 14 јануари да се биде во Вевчани за да се види како се негува и развива традицијата од предците.
– Најмногу ме радува што во карневалската поворка се повеќе има млади луѓе, и машки и женски, што не било случај во изминатиот период. Тоа ни дава голем мотив и сила да и покажеме на јавноста како се штити традицијата и како се исмеваат некои настани заради подобро утре и за да не грешиме во животот- рече Илиевски.