Вевчани е подготвено за речиси 15 вековната традиција. Вевчанскиот карневал, втора година ќе се одржи во услови на пандемија. Годинава ќе биде организирана културно-забавна програма каде ќе настапат домашни изведувачи. Како што информираше градоначалникот Спасе Кочовски, останати се уште мал дел подготовки околу организацијата. Исполнети се и сместувачките капацитети во Вевчани, а се очекуваат и гости од регионот.
Манифестацијата „Вевчански карневал“ почнува утре напладне со отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски“ и настап на културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани. Вечерта за забавниот дел задолжени се диџеј Фејс и Жаре Бербер. Вечерта настап ќе имаат македонските уметници Елена Јовческа, Сања Ристеска, Дамјан Стојаноски и Перо Бели, а Новата година по стариот Јулијански календар ќе ја дочекаме со спектакуларен огномет. Сместувачките капацитети, иако во мал број веќе се полни со гости, а очекуваме голем број посетители и од околните места, информираше Кочовски.
Традиционално, на 13 Јануари напладне со дефиле низ вевчанските улици ќе започне василичарскиот дел од манифестацијата. Двете василичарски друштва од Горна и Долна маала ќе продефилираат низ вевчанските улици под маските кои се кријат во текот на целата година до почетокот на дефилето. Неизоставен дел од традицијата се зетот, невестата, глупавите августи, двата ѓаволи, а она што е најинтересно од дефилето се маските инспирирани од секојдневните случувања и актуелната политичка состојба, која вевчанци секоја година ја прикажуваат преку уникатен начин.
Да не бидеме суетни, вевчанските маски не сакаат никого да навредат. Ја отсликуваат целата реалност која била во минатата година, вели Кочовски.
Вевчанскиот карневал ќе заврши со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани. Како што истакна претходно, Кочовски, Вевчани ќе понуди добра забава која ќе ја надополни туристичката понуда и апелираше да се почитуваат препораките за заштита од Ковид-19.
OhridNews
Фото: Архива














