Во текот на вчерашниот ден Вевчанска Река беше порибена со 1000 примероци на речна автохтона пастрмка, акција на Здружението на риболовци спортски клуб „Пастрмка“ Струга , а под надзор на охридското Одделение за рибарство и аквакултура при Државниот инспекторат за сточарство.
Како што изјави Емил Матоски, претседател на ЗРС „Пастрмка“ Струга, овој ден претставува голем празник бидејќи е остварена примарната цел на здружението, збогатување на речните сливови со риба.
„Порибени се 100 парчина речна автохтона пастрмка, а голема поддршка наидовме од страна на општина Вевчани и нејзиниот градоначалник. Со овој чин придонесуваме за збогатување на нашите води со риба. Во иднина не чека голема работа за да ја зачуваме оваа пастрмка, барем до нејзиниот втор и трет мрест.“ – изјави Матоски.
Градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриноски, апелира до граѓаните на Вевчани, Октиси и Велешта да ја чуваат рибата, бидејќи за рибокрадците се предвидени големи казни.
„Ова е многу значајно за развој на вевчанскиот туризам, а гостите од секаде ќе имаат можност да уживаат во убавите речни риби. Сакам да апелирам до граѓаните на општина Вевчани, Октиси и Велешта, да ја чуваат рибата, да нема рибокрадци, бидејќи веќе имаме рибарска служба на терен, а казните знаеме дека се големи.“ – апелира Угриноски.
Јован Бојчовски од охридското одделение за рибарство и аквакултура потенцира дека ова порибување е само дел од годишниот план кој го има предвидено ЗРС Пастрмка Струга.
„Ова порибување е во соработка помеѓу општината Вевчани и ЗРС Пастрмка од Струга, а целиот процес е под надзор на државниот инсепкторат за земјоделство. Ова порибување ќе го зголеми рибниот фонд во овој ревир, што е многу битно за развој и зботатување на туристичката понуда која ја има општината Вевчани.“ – потенцира Бојчовски.
Инаку, пастрмката со која се изврши порибувањето се одгледува во мрестилиштето „ Шум“ во Струга.
OhridNews