Традиционалниот Вевчански карневал, ќе се одржи од 12 до 14 јануари, а како настан ги обединува сите изразни форми на нашата традиционална култура, трансформирајќи ги според потребите на современото општество со третирање на теми од денешницата. Деталите за годишниот карневал, кој претставува спој на пагански обичаи преведени на современ јазик, беа презентирани на прес конференција во Скопје, пренесува „Макфакс“.
„Вевчанскиот карневал ќе биде првокласна туристичка атракција. Тоа е одлична можност за уживање во традицијата и истовреме нејзино зачувување. Во последните три години присуствувале 60 илјади луѓе, секој од нив да потрошил по 10 евра, овој карневал донел приходи од 600 илјади евра. Од него се прави пари како туристичка атракција. “ изјави Лилјана Поповска, претседател на организациониот одбор.
„До сега на карневалот гостувале многу музички имиња како Есма, „Рибља Чорба“, Влатко Стефановски, „Леб и сол“ и други пејачи, а годинава програмата ќе ја збогати Бајага кој ќе настапи вечерта на 12 јануари. Карневалот и сите негови пропратни содржини ќе започнат на 13 јануари со почеток во 15 часот. “ изјави Александар Коневски.
Гостин на Вевчанскиот карневал ќе биде Лесковачкиот карневал, а покрај традиционалните маски како зет, невеста, ѓавол ќе има и маски кои ќе бидат различни од претходните години.
Вевчанскиот Карневал е еден од најстарите и најуникатни културни настани во Република Македонија кој традиционално го слави доаѓањето на Новата година според стариот календар. Игра важна улога во создавањето, одржувањето, заштита и ревитализацијата на нематеријалното културно наследство, на тој начин збогатувајќи ја културната креативност и различност на човештвото.
Вевчанскиот карневал е организиран од страна на Тетрагон – во соработка со Општина Вевчани и Лилјана Поповска, а поддржан од Т Хоме и Министерството за Култура на РМ.
извор: „Макфакс“