На температури под нулата, снег и студ, жителите на Вевчани петти ден се без електричната енергија. Откажани се стотици аранжмани за празниците, а штети трпат и домаќинствата бидејќи со денови не им работат фрижидерите во кои ја чуваат храната.

Згрижени за огромната материјална и друга штета и револтирани од односот на одговорните за настанатат ситуација, жителите на Вевчани формираа Кризен штаб кој упати две барања до ЕВН Македонија:

1. Како добри домаќини, упатуваме јавен повик до најодговорните лица на ЕВН-Македонија во периодот од 10 до 15 јануари 2015 година да го посетат Вевчани на работен состанок.

2. Доколку ЕВН-Македонија, одлучи да не одговори позитивно на овој јавен повик да дојде во Вевчани, информираме дека ние граѓаните на Вевчани ќе дојдеме пред седиштето на оваа компанија во Скопје каде со нас ќе ги донесеме и сите расипани месни и други продукти.

Од Кризниот штаб информираат дека ситуацијата во Вевчани е алармантна и бараат најитно решавање на проблемот со електричната енергија кој се провлекува со години.

Апел за помош денеска упатија и жителите од Татеши и другите села во струшко, каде исто така со денови нема струја. Без струја се и голем број се ла во охридско, Дебарца и Преспа.

OhridNews