Тринаесети јануари – Ден кога „се’ е дозволено“ во Вевчани. На овој и денот потоа, на Св. Василиј, вевчанци секоја година ја слават, по нивно – „правилната“ Нова година. А славјето е пресликано во Карневалот.
Два дена низ Вевчани „шетаат“ бубароци, глупи августи, чудни музичари, пирати, адами, еви, гангстери, луди дрвосечачи, политичари, филсмки јунаци, плашила – страшила и што ли уште не. И се пие. Многу. Не може да се измери колку вино и ракија се пие во тие 48 часа. Секоја куќа во селото тие денови е отворена за секој добронамерник. Ќе ве послужат, се знае, најпрвин со една „топла“ (ракија). Па уште една. Има и вино, домашно. За јадење не бива без луканци и кашаник. Традиционалните „Зетот и Нестата“ ќе ве сретнат два-три пати бидејќи нивната „обиколка“ по куќи сигурно ќе се поклопи со вашата. Цело село, и старо и младо живее за тие денови. За „правилната“. За традицијата.
Многу Вевчанци се во странство, ама за карневалот, за празниците, секој доаѓа дома. Раскажувале гурбетџии (локален израз за луѓе што работат во странство н.з) дека ако не можеле од некоја причина за Василица да дојдат дома – „паѓале“ болни. Со месеци ги мачело тоа што не дошле.
Мештаните се трудат да објаснат како се чувствува Вевчанецот пред и за време на карневалот:
„Не можам точно да ви објаснам“ – вели Сашо. „Како некоја сила, внатрешна, да те тера да се „барџаш“ (маскираш н.з.) иако пред тоа си велел дека оваа година само ќе гледаш. Некој „магнет“ те влече, да празнуваш, ги гледаш и другите како празнуваат. Необјасниво.“
Никој не знае ни од кога е така. Дедовци од дедовци не знаеле. За Вевчани има записи од пред 14 века. Веројатно тогаш и почнало нешто слично на карневалот денес. Пагански обичаи подоцна помешани со христијански. Во време на турското ропство, а и подоцна меѓу светските војни како и во време на социјализмот – се славело по куќи. Дефилето на маски на отворено е од понов датум.
Во „комунистичкото“ карневалот бил забрануван. Луѓе биле притворани поради такви активности. Слично како во Охрид за фрлање крстот. Но, традицијата ја одржал вевчанскиот инает, „державноста“. Може да се забележи фрапантна сличност во перцепирањето на карневалот и Василица кај секој Вевчанец. Имено – тоа е најважниот ден. За тоа се живее.
Од 1993 карневалот е член за светската асоцијација на карневали, се’ повеќе гости доаѓаат да го видат, но и да учествуваат. Оваа година карневалот, заради туристички цели, се тера четири дена. Манифестациите започнаа вчера со концерт на локалното КУД „Дримкол“, продолжува вечерва со настап на „Куку Леле“, „Ван Гог“ и Ѓоко Танески, а главното следи на 13 и 14 јануари кога се одржува дефилето под маски и се игра василичарско оро средсело.
С.Костоски/ Г. Момироски
фото: Емил Јовановиќ