Членовите на клубот за подводни активности „Охрид“ и на нуркачкиот центар „Амфора“ денеска во Заливот на коските кај Градиште, во Охридското Езеро, традиционално на неколку неколку дена пред Новата година ја накитија подводната елка.



– Се напивме шампањско под вода и сакаме да им посакаме здравје и успех и среќа на сите граѓани на Република Македонија, истакна Милутин Секулоски, еден од иницијаторите на подводното украсување на елка во водите на Охридското Езеро.


Во украсувањето на елката која е поставена во Заливот на коските во Градиште на длабочина од 5 метри учествуваа петнаесеттина нуркачи. Меѓу нив имаше и нуркачи кои прв пат учествуваа во овој несекојдневен настан.

На овој начин заеднички ја споделуваме радоста и посакувам Новата година да ни мине со леснотија, изјави Милан Лазарески, кому ова му беше прво китење на подводната елка.


Спонзор на оваа своевидна атракција годинава е весникот „Нова Македонија“, кој обезбеди пакетчиња за најмладите, кои најдрагиот подарок го добија лично од Дедо Мраз.


Охридските нуркачи ги преброија и годините откако се украсува подводната елка, по што заклучија дека е потребна корекција, односно според најновата пресметка, денешното е десетто јубилејно китење на празничното дрво во водите на Охридското Езеро.


OhridNews