Под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот“, опозициската ВМРО ДПМНЕ вечерва во Охрид одржа авто протест,  на кој беше искажан револт од политиките на актуелниот премиер на Владата Зоран Заев во спорот со Република Бугарија.

Народот со овие протести укажува дека е крај на националното понижување и распродавањето на националните интереси, истакна пратеникот и член на највисокото партиско раководство на ВМРО ДПМНЕ Кирил Пецаков.

Со натпартискиот протест за одбрана на црвените линии кои се последниот бедем на нашиот идентитет, заедно со народот испраќаме порака до Зоран Заев: дека нема право да го продава македонскиот идентитет, македонскиот јазик и историја. Заев го погази достоинството на Македонија на Македонците и на оние кои ги положиле животите за Македонија. Со кое право тој ја негира Антифашистичката борба, АСНОМ е нашиот Втор Илинден, а Народно ослободителната борба е дел од европската борба. – рече Пецаков.

Порака од протестот упати и генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски. Тој рече дека борбата, жртвите, идентитетот и континуитетот на постоењето на македонскиот народ не можат да бидат предмет на разговори и договори.

Остро се спротиставуваме на Договорот со Бугарија и укажуваме дека истиот веднаш треба да прекине. Суверенитетот на една држава се добива со признавање од другите држави. Ние сме признаена држава, меѓу другите и од Бугарија. А со добивањето на суверенитетот државата го добива правото да го организира внатрешното уредување. Ние самите може да одлучиме за јазикот, за историјата и какви учебницви ќе имаме во образованието. Историјата не може да биде прашање за коешто ќе се договараат двајца лидери на две држави. Историјата не се решава со два потписи. – рече Сајкоски.

Покрај во Охрид, ВМРО ДПМНЕ вечерва протестираше и во: Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп и Битола.

Авто протест во организација на ВМРО ДПМНЕ во Охрид

OhridNews