Со свеченост што се одржа денеска во Охрид, официјално беше означен почетокот на работата на германската компанија за производство на делови за авто индустријата „Костал“ во Македонија.
За потребите на производството „Костал“ адаптираше и опреми повеќе хали во ЕМО Охрид со површина од околу 5700 метри квадратни, за што инвестираше 4 милиони евра.
Во моментов во фабриката која е опремена со модерна технологија за производство работат 48 лица, а нивниот број до крајот на годината ќе се зголеми на 100. Дополнително до Нова година инвестицијата на „Костал“ ќе се зголеми на 6 милиони евра.
На денешната свеченост на која присуствуваше премиерот Емил Димитриев, претставици на државни институции, градоначалниците на Охрид и Дебарца, Никола Бакрачески и Игор Трајкоски, пратеници и гости, претседателот на „Костал“ Андреас Костал, најави дека компанијата наскоро ќе започне со изградба на сопствена фабрика во ТИРЗ Струга, која ќе отвори нови работни места.
– „Костал“ планира да инвестира 30 милиони евра во македонската фабрика во следните години и на долг рок и покрај високиот степен на автоматизација ние се надеваме дека ќе креираме 800 работни места. Веруваме во реформските политики во Македонија, задоволни сме од поволните услови што државата ги нуди на странските компании, како и поволната бизнис клима. Нашата компанија има 100 годишна историја. Првата странска инвестиција „Костал“ ја направи во 1973 година во Мексико. Денес вработуваме 17.000 лица во 21 земја. Сигурен сум дека во претстојните години фабриката „КОМАК“ во Македонија, новиот член на Костал, успешно ќе се развива. – истакна Андреас Костал.
Виктор Мизо, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони изрази задовоство што „Костал“ ја избрал токму Македонија и Охрид за инвестирање.
–Радува што оваа компанија по детални анализи во конкуренција со Бугарија, Србија, Молдавија и други земји од регионот ја избра Македонија за изградба на својата фабрика и мојот роден Охрид. Компанијата една година по потпишување на договорот за инвестирање во охридски ЕМО адаптираше повеќе погони и започна со производство, а најавената изградба на сопствена фабрика во ТИРЗ Струга ќе биде можност за нови вработувања во Охридско- струшкиот регион. – рече Мизо.
Делови за познати автомобилски марки ќе се произведуваат во погоните на „Костал“ во Охрид
Според претседателот на техничката влада за спроведување на изборите, Емил Димитрев, отворањето на фабриката на „Костал“ е најдобра празнична честитка за граѓаните на Македонија.
-Она што радува е дека зацртаните планови на компанијата во Македонија етапно и со сигурност се реализираат, за што потврда е денешниот настан. – истакна Димитриев.
На свеченоста присуствуваше и поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој истакна дека отворањето на новата фабрика на „Костал“ е дел од залагањата во Македонија за да се донесат нови компании кои ќе отворат нови работни места во земјата и дека тој процес успешно се одвива.
Г.М.