Со староградска песна, греана ракија и вино, во месноста Сараиште, на празникот Св. Јован, денеска беше одбележан Денот на рибарите. На манифестацијата присуствуваа голем број на граѓани, како и претставници на локалната самоуправа, градоначалникот Никола Бакрачески, гости од градот Воден, Грција, како и од други места од земјава и надвор.

Традиционално фаќачот на крстот и неговата тајфа, се искапија во езерските води за здравје. Нив им се придружија граѓани како и членови на навивачката група „Рибари“. На манифестацијата кај Сараиште немаше фрлање на буриња со вино.

-Оваа година ја вративме старата традиција, радување како што доликува на Денот на рибарите, да се задржи традиционалното кое си било со години, да биде веселба но без сквернавење на водата. – изјави фаќачот на крстот Петар Рупески.

Присутните на народната веселба имаа можност да вкусат пача која ја подготвија студенти на Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, како и рибна чорба, која ја подготвија професори и ученици од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.

-За рибната чорба ни беа потрбни околу 300 килограми лосос, 60 кг. морков, 40 кг. целер и пашканат, 50 кг. брашно, 80 литри масло и потребни зачини. Подготвивме 1500 литри чорба, односно околу 6000 порции.-изјави професорот Блаже Јорданоски.

Традиционално тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.

Г.М.