Се’ уште се пресметуваат штетите од големиот пожар што се случи вчера на улицата „Нико Нестор“ во центарот на Струга, во кој целосно изгореа три стари куќи со дрвена граѓа, а опожарени беа уште две. Оштетувања од огнената стихија претрпеле уште неколку објекти во ова инаку густо населено подрачје на градот. Според податоците на СВР Охрид од огнната стихија оштетени биле вкупно девет куќи.
Во дел од опожарените куќи подолг период не живееел никој додека во другите живеат семејства на кои Црвениот крст Струга денеска им донираше помош во санитетски и прехрамбени пакети и вода. Организацијата најави и еднократна финансиска помош за семејствата чии домови се опожарени, која ќе биде исплатена во понеделник.
Еден ден по пожарот од уништените куќи и натаму може да се забележи чад, а поради внимателност во реонот дежураат припадници на професионалната противпожарна единица од Струга.
Истрагата за причините за пожарот се’ уште е во тек.
OhridNews