Има места на кои летото едноставно завршува. А има и места каде што мора да биде испратено како што доликува.
Во Кампинг Љубаништа тоа одамна е традиција. Музика, дружење, оган, факели и неизбежното ноќно капење во Охридското Езеро, сцена која тешко се опишува, а уште потешко се заборава.
Така беше и оваа година. Камперите минатиот викенд уште еднаш се собраа на големата завршна забава, со која симболично беше спуштена завесата на уште една летна сезона во едно од најпрепознатливите туристички катчиња на охридското крајбрежје.
Приказната започнала спонтано пред повеќе од една деценија, кога мала група кампери решила на свој начин да се прости од деновите поминати покрај езерото. Оттогаш, завршната забава расте заедно со генерациите кампери, но суштината останува иста, дружењето и чувството дека овде летото има свој посебен ритам.
Оваа година за музичкиот дел од вечерта беа задолжени Жармена бенд и Владо Броз со DJ Марама, а кулминацијата повторно беше во езерото. Светлината од факелите ја обои водата во црвено, а десетици капачи влегоа во езерото за традиционалното полноќно капење.
Токму тие мигови најдобро ја раскажуваат приказната за Љубаништа. Не како обично место за летување, туку како камп во кој со години се создаваат пријателства, спомени и мали традиции што се пренесуваат од едно лето во друго.
Затоа завршната забава не е само крај. Таа е последната заедничка авантура пред камперите да си кажат „до следното лето“.
Но, крајот на главната летна сезона не значи и крај на одморот во Љубаништа. Кампот и надвор од летниот шпиц останува привлечен за гостите кои го бараат токму спротивното од летната врева, мир покрај езерото, природата и Галичица.
А кога повторно ќе дојде летото, приказната продолжува.
До следното капење под ѕвездите.
Видео I Фото: Анамарија Момироска





































