Триесет и едногодишниот фармацевт од Гостивар Јосиф Мишевски, кој има ретка болест, денеска имаше уникатно адреналинско доживување над  Охридското Езеро.

Тој за прв пат леташе со параглајдер од планината Галичица, во тандем со искусниот летач Кристијан Темелкоски од клубот „Fly Ohrid“, во знак на поддршка на лицата со ретки болести. Во височините тие го развеаја знамето на ретките, упатувајќи моќна порака.

Јосиф има ретко кожно заболување „Ихтиоза“, кое се манифестира со изразена сува кожа и црвенило. Болеста има силно влијание врз квалитетот на животот, терапијата којашто се користи е симптоматска со цел да се намалат симптомите на болеста за која нема лек. Но, овој ведар лик е силен борец кој никогаш не се предава. Затоа и денешниот предизвик тој го посвети на сите лица со „ихтиоза“ и други ретки болести, кои се борат за еднаквост во општеството.

Параглајдинг клубот „Fly Ohrid“ петта година ги поддржува лицата со ретки болести, покажувајќи висока општествена свест и чувство на одговорност и солидарност, која толку многу ни е неопходна.

Г. Момироски
Фото: Емил Јовановиќ