Претседателката на Општинската изборна комисија Антигона Сионов денес му го врачи уверението на досегашниот градоначалник Кирил Пецаков за новиот четиригодишен мандат. На свеченото доделување на Уверението за избор на градоначалник присуствуваа сите членови на Општинста изборна комисија.

Од денеска започнува вториот мој мандат заедно со мојата екипа и администрација, но и секако сите оние јавни претпријатија, основни училишта и средни училишта кои што се дел од локалната самоуправа. Направивме доста проекти кои што значеа за Охрид и стратешки го менуваа. Така продолжуваме и во вториот мандат, рече градоначалникот Пецаков.
Во вториот мандат имаме нови десет капитални проекти, кои што со завршување на четири од првите десет кои што сум ги ветил во првиот четиригодишен мандат, вклучувајќи ги и овие десет. Ќе станува збор за сериозна промена на сето она како ние го перцепираме Охрид, првично за Охриѓани разговарам, а и сите оние кои што доаѓаат и уживаат во убавините на Охрид. Пред нас следува инвестиционен период, кој што, верувам дека ќе заврши успешно, односно за многу работи за кои што Охриѓани разговарале, побарувале и било некако како насушна потреба во изминатите триесет и кусур години, како граѓани, ќе се остварат, ќе се завршат, и сметам дека Охрид не само што ќе изгледа поинаку, туку ќе има и многу подобри услови за живот на сите оние кои што се тука во самиот град, но и на туристите кои што го посетуваат, додаде Пецаков.
Н.С.Ј.
фото/видео А. Момироска
					







							






