Од 25 до 27 јуни на градскиот кеј во Охрид ќе се одржи 5-то издание на „Ohrid Wine Festival“. Настанот и годинава има богата програма која се очекува да привлече бројна публика.
Охрид три дена ќе дише во стилот на музиката и виното. Фестивалот нуди разноврсна програма во која ќе може да уживаат љубителите на музиката и виното, истакна на прес конференција претседателот на советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.
На 25 јуни фестивалот ќе го отворат Група Сарај, Дани Димитровска и група „Меморија“. На 26 јуни забавата почнува со Броз и Марама, Ѓоко Ѓорчев, Куку Леле и Пауза за ракија, завршува на 27 јуни со Солзи и Смеа, Dj Face, Битолски камерен оркестар и Суперхикс.
Оваа година на фестивалот ќе има повеќе винарии, повеќе сорти на вино и повеќе храна, истакна Пане Темов од „Крафт Продукција“, организатор на настанот.
Секоја година се трудиме фестивалот да биде подобар и подобар и ова 5-то издание ќе биде најдобро до сега. Секоја година имаме поддршка од македонските винарии и малите охридски винарии, ќе имаме дваесеттина винарии кои ќе ги понудат нивните вина, додаде тој.
Организаторите годинава очекуваат посета помеѓу 50 000 и 100 000 луѓе, со што ќе биуде означен и стартот на главната туристичка сезона во Охрид која ќе изобилува со настани и богата понуда.
Со културните настани, но и со нашата храна и вино ги промовираме Охрид и Македонија, додаде Божиноски.
Oрганизаторот соопшти дека постои интерес кај странски агенции, а пред се кај туристите од регионот за посета на фестивалот, на што повеќе ќе се работи во иднина.
Г. М
Видео/фото: А. Момироска













