Пожарот што попладнево избувна во кругот на охридската касарна „Михајло Апостолски“, ги вознемири граѓаните, особено жителите на околните куќи кои се вклучија во гаснењето на огнот, кој под целосна контрола го ставија припадниците на Професионалната противпожарна единица од Охрид.

-Интервенирано е со 4 возила и 16 пожарникари, кои го ставија пожарот под контрола уште пред да заврне дождот. – изјави за OhridNews Спасе Прентоски, командир на ПТПЕ Охрид.

Според првичните информации во пожарот изгорена е поголема површина трева и повеќе борови.

-Целата трева во кругот на касрната која беше сува е изгорена. За среќа со брза интервенција на противпожарната единица не се дозволи огнот да се прошири на околните куќи кои не беа загрозени од огнената стихија. – информира Прентоски.

Пламените јазици и густиот чад кој се издигаше високо над касарната можеа да се забележат од пoодалечените населби во градот.

Истрагата треба да ги утврди причините за пожарот во касарната каде сега функционираат службите на Граничната полиција – Запад, но според првичните проценки на противпожарната служба, најверојатно се работи за човечко невнимание.

Г.М.