Екипи на јавното комунално претпријатие утрово започнаа санација на оштетениот дел од заштитениот чинар во населбата Кошишта, кој напукна ноќеска. При тоа се откина голема сува гранка која претставуваше опасност за блиската зграда, но и за минувачите поради што во текот на ноќта беа затворени делови од улиците „Абас Емин“ и „Гоце Делчев“.

Превентивно отстранети се и други делови од напукнатото дрво, за да се спречи натамошно оштетување.

Санацијата на Чинарот Кошишта, ќе продолжи по завршување на вегетацискиот период есенва, информираат стручните служби од Општина Охрид.

Чинарот Кошишта е прогласен за природна реткост. На територијата на градот заштитени се вкупно седум вакви дрва стари и по неколку века. Проценетата старост на Чинарот во Кошишта е 300 години. Покрај чинарите, под заштита е и кочеџикот кај црквата Св. Богородица Перивлепта.

Г.Момироски

Напукна чинарот кај Кошишта, затворен дел од улицата „Абас Емин“