На свеченост што се одржа вечерва во Големата сала на Општина Охрид, беа прогласени најдобрите во спортот во Град Охрид за 2025 година. За спортист на годината избран е Владимир Димитријевиќ од Таеквон-до Клуб„Мастер“ – Охрид, ГРК Охрид е спортски клуб на годината, а Здравко Тупаре го доби признаниоето „Спортска легенда“.

Владимир Димитријевиќ е актуелен ИТФ државен првак. Минатата година настапи на Европско и Светско првенство и единствен кој во една година настапи на Европски и Светски куп. На Македонија и донесе бронза од Европско првенство и бронза од Светски куп, а годината ја заврши со 3 златни, 1 сребрен и две бронзени одличја.

Голема чест и привилегија е наградата Спортист на годината. Им благодарам на моите тренери и спаринг партнери за нивната посветеност, поддршка и нивната верба во мене, тие секојдневно ме туркаат да бидам подобар и подобар. Благодарност и до моето семејство кое секогаш е покрај мене и во победите и во предизвиците. Оваа награда за мене не е крајна цел, туку дополнителна мотивација за уште поголеми успеси во иднина и достојно претставување на нашиот град и нашата држава на меѓународната сцена. Во име на сите добитници ви благодарам. – истакна спортистот за 2025 година, Владимир Димитријевиќ.

Владимир Димитријевиќ – Спортист на Охрид за 2025 година. Фото: Анамарија Момироска.

Најдобрите од спорот во Охрид за 2025 година ги поздрави градоначалникот Кирил Пецаков кој го истакна значењето на спорот и спортските успеси.

Вие одамна сте сфатиле дека спорот има големо општествено значење. Сте израснале со здрави животни навики, макотрпно вложувајќи ги својот дух и тело на спортските терни за името на нашата света Македонија да биде испишано во најпознатите светски спортски алманаси. Од вас сите ние треба да научиме дека само со достоинство, сложност, ведар дух и чиста мисла може да се дојде до колективен напредок и успех, истакна градоначалникот Пецаков.

Најдоброто од спортот во Охрид за 2025 година:

  • Охридска спортска надеж во инивидуален спорт (мажи) – Христијан Шибаковски (Таеквон-до) од Таеквон-до Клуб „Хва ранг ИТФ“ – с.Лескоец Охрид
  • Охридска спортска надеж во индивидуален спорт (жени) – Теа Донева (борење) од Боречки Клуб „Аждер“ – Охрид
  • Охридска спортска надеж во колективен спорт – Давор Танески (фудбал)
  • Охридска спортска надеж во колективен спорт – Илија Трајчески (ракомет)
  • Спортист од Охрид која настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид во колективен спорт – Марија Дуновска (голман ракомет) од Женскиот Ракометен Клуб „Стружанка“ – Струга
  • Спортист од Охрид што настапува во клуб надвор од територијата на Општина Охрид во индивидуален спорт – Девран Куртис (пливање) од Пливачки Клуб „3 Дисциплини“ – Струга
  • Спортист кој не е од Охрид, а настапува во екипа од Охрид – Тилен Стрмљан (ракомет) од Градски Ракометен Клуб „Охрид“ – Охрид
  • Спортист со најдобар остварен резултат во водените спортови – Анастасија Цветаноска (пливање) од Пливачки Клуб „Акваспирит“ – Охрид
  • Тренер на годината – Саша Поповски (таеквон-до) од Таеквон-до Клуб „Мастер“ – Охрид
  • Спортска екипа на годината – Градски Ракометен Клуб „Охрид“ – Охрид (ракомет)
  • Охридска спортска легенда – за посебни заслуги во спортот – Здравко Тупаре (веслање)
  • Спортист на годината – Владимир Димитриевиќ (таеквон – до) од Таеквон-до Клуб„Мастер“ – Охрид

 

На манифестацијата беа доделени признанија на повеќе спортски клубови и здуженија за јубилеји и успеси одбележани и остварени во 2025 година:

  • Признание – Јубилеј 25 години Илинденска Кајак Кану Регата Охрид – Кајак Кану Клуб „Стрмец“ – Охрид
  • Признание – Јубилеј 20 години Турнир во мал фудбал Велгошти – Здржение „Велгошка Гордост“ с.Велгошти Охрид
  • Признание – Јубилеј 40 години Клуб за подводни дејности „Охрид“ – Охрид
  • Признание – Постигнат успех во спортот во 2025 година на Здружение на пензионерите на општините Охрид и Дебрца – севкупен победник во машка и женска конкуренција на државните пензионерски спортски натпревари 2025 година.

Одлуката за наградите и признанијата според однапред утврдени критериуми ја донесе Комисија составена од Општина Охрид во состав: Перо Георгиески – претседател, Стефан Ставрев – член, Марјан Бошалески – член, Горан Момироски – член, Јоне Станковски – член, Ванчо Јованоски – член и Горан Недески – член.

Градот Охрид ги прогласи најдобрите спортисти за 2025 година

OhridNews
Фото и видео: Анамарија Момироска/Бобан Стојаноски/Горан Момироски