Дефект на водоводната мрежа во тешко пристапен терен на северната страна од Самуиловата тврдина, ги остави жителите на стариот дел од Охрид без вода за пиење речиси цел ден.

На местото на настанот екипи на Водовод Охрид интензивно работат на санирање на дефектот. Иако на помош имаат и механизација работата се одвива во тешки услови, а дополнителен проблем е ноќта и студеното време.

Од охридски Водовод велат дека ќе продолжат да рабоитат во текот на ноќта и очекуваат дефектот да биде саниран за неколку часови.

– Пронајдена е оштетената цевка, која најверојатно пукнала од дотраеност на материјалот во неповолни временски услови и ниски температури. Итста ќе биде заменета, со што се очекува уште во текот на ноќта да се нормализира водоснабдувањето во стариот дел на Охрид. – изјави Сашо Сотироски, технички раководител во Водовод Охрид.

Инаку овој дел од градот се снабдува со вода за пиење со помош на пумпи кои ја доведуваат до резервоарот на врвот од калето. Но дефектот на доводната водоводна цевка го прекина водоснабдувањето на Варош.

Овој дефект е последниот во низата со кои се соочува охридски Водовод по периодот на ниски температури кои предизвикаа сериозни оштетувања на водоводната мрежа во градот.

OhridNews