Планетарно популарниот научен телевизиски канал “National Geographic”, деновиве емитуваше кратка емисија за големото откритие на кое работи охриѓанецот Виктор Груев, професор на Универзитетот „Вашингтон“ – Сент Луис, во Мисури, САД, заедно со неколкумина други научници. Тој е изумител на специјални очила со кои хирурзите за време на операција можат да ги видат клетките на туморот. Пронајдокот претставува вистинска мала револуција во светската медицина, бидејќи овозможува прецизно отстранување само на заболените клетки и запазување на здравото ткиво.
Во емисијата “EXPLORER” Д-р Груев е претставен како футуристички научник кој го изучува сложениот вид на инсектите и други мали животни со цел да развие технологија со која ќе се детектираат клетките на ракот. Груев вели дека природата изградила комплексни системи за вид кои на живите суштества им овозможуваат да опстанат во сложени средини, а посебно е фасциниран од видот на малото морско ракче Мантис. Тоа има сложени очи со нано келии и исклучитено чувствителни сензори за вид кои распознаваат шеснаесет различни спектри на бои, од сина до инфрацрвена, односно гледаат неколку милиони бои повеќе од човекот.
-Технологијата со поларизација на светлината има потенцијал револуционерно да го промени начинот на кој гледаме на многу проблеми во медицината и да помогне да се дијагностицира ракот. И што е важно оваа технологија е евтина. – вели Виктор Груев во емисијата на “National Geographic”.
Сензорите на очилата на кои работи охриѓанецот Груев можат да извршат детекција на различни видови бои, како и на поларизација на светлината. Целиот проект се’ уште е во развој, а интерес за него пројавуваат многу фондации од областа на медицината во САД, Европа и Азија.
Револуционерното откритие на охриѓанецот Виктор Груев, нова надеж за човештвото
OhridNews