Исламската држава неодамна испрати уште една заканувачка порака, овој пат дека со неочекуван напад ќе го заземе Париз во блиска иднина. Во видео објавено од страна на медиумската организација „Ал-Абд Ал-Факир медија“, која важи за блиска до ИД, може да се види како терористите најавуваат опсада на „престолнината на развратот“, како што го нарекуваат Париз, и ненадеен напад на градот преку подземни тунели. Истата медиумска организација објави слично видео и минатиот месец, во кое се најавуваше напад врз Вашингтон.

И актуелното видео наменето за Париз, кое организацијата го опиша како филмски приказ на инвазијата на Исламската држава…, повеќе изгледа како театрална екранизација на џихадистичките фантазии отколку како вистинска закана. Во него терористичките ќелии се собираат во руралната област на Париз пред да го нападнат самиот град.

Џихадистите во маскирни униформи излегуваат од шумска заседа и напаѓаат возило кое со експлозија го креваат во воздух притоа „гонејќи ги непријателите на Алах“, односно француските војници кои бегаат од возилото. Потоа, џихадистите издвојуваат двајца од војниците со качулки на главите и ги ликвидираат на една чистинка. Невозможно е да се утврди дали оваа ликвидација е реална или одглумена, пишува „ПЈ медија“.

„Кога војниците завршија со опсадата на Париз, Алах ги прати своите трупи да го заземат градот со неочекуван напад од подземните тунели“, се наведува во описот на ова фиктивно сценарио. Инаку, во него исламските борци ги насочува Исламскиот команден штаб за воздушни операции. Нападот во центарот на градот, непосредно до Ајфеловата кула, се прикажува во стил на акциона видеоигра.

По тоа, филмот покажува снимка од уривањето на Ајфеловата кула, која џихадистите наводно ја украле од филмот „Џи-ај Џо“ од 2009 година. На крајот од пропагандното сценарио ИД повикува тоа да се шири кај луѓето од доверба на улиците на Западна Европа.