Сообраќајот во земјата и утрово се одвива во зимски услови, по влажни коловози со остатоци од снег. Од 07:30 часот укинати се забраните за сообраќај на тешки товарни возила на планинските премини Ѓавато и Буково каде вчера се излизга шлепер. Тешкото товарно возило се уште е заглавено покрај коловозот, но сообраќајот се одвива непречено.

На регионалниот пат Охрид – Ресен, кај селото Косел, вчера се случи уште една незгода. Лесно товарно возило изгубило контрола и излетало надвор од коловозот, што го отежна одвивањето на сообраќајот.

Како што информира АМСМ, забраните за сообраќај на тешки товарни возила на патните правци крак Маврово – Дебар, Кичево – Охрид преку планинскиот превој Пресека, Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража и Струга – граничен премин Ќафасан се уште се на сила. Сообраќајот на патните правци Крушево-Прилеп и Крушево-Демир Хисар поради обилни врнежи од снег се одвива отежнато во зимски услови и задолжителна е употреба на зимска опрема за сите видови на возила.

OhridNews