Основното училиште „Братство и Единство“ ќе добие комплетно нова училишна зграда, која ќе се гради со финансиска поддршка на турската владина агенција „ТИКА“. Со реализацијата на овој проект ОУ „Братство Единство“ ќе добие современо опремена училишна зграда, поголема од постојната, како и соодветна спортска сала која што ќе ги задоволува потребите на учениците и наставниците. 

Во општина Охрид, вчера, беше потпишан меморандум за соработка помеѓу градоначалникот Јован Стојаноски како претставник на општина Охрид и претседателот на „ТИКА“ за Балканот и Југоисточна Европа, Махмут Чевик, со кој се предвидува проектирање, изведување на градежни работи и опремување на новата училишна зграда на основното училиште „Братство Единство“. 

-После неколку месеци преговори, доаѓаме до моментот на потпишување на меморандумот помеѓу нас и турската агенција за соработка и координација „ТИКА“, во кој е предвидена изградбата на ново училиште, а тоа е ОУ „Братство Единство“. Велам ново училиште, бидејќи станува збор за рушење на старото училиште и од почеток изградба на ново училиште. На местото од постојното училиште ќе имаме едно ново, модерно училиште со сите услови и предуслови за работа во него. Тоа е една голема инвестиција и голема благодат за нас како општина Охрид и за децата од училиштето. – истакна градоначалникот Јован Стојаноски. 

„ТИКА“ има претставништво во Република Македонија од 2005 година со потпишување на протокол за соработка помеѓу владите на Република Македонија и Република Турција. 

-Почнувајќи од тогаш па до денес, имаме реализирано многу проекти, од многу различни области. Во сиот овој период „ТИКА“ во Македонија има инвестирано повеќе од 70 милиони евра. Сите наши проекти кој што се реализираат во образованието, се со цел да се подобрат условите во образованието. –  рече Махмут Чевик.

Следува потпишување на договор со агенцијата „ТИКА“, по што ќе започне проектирањето и изградбата на училишната зграда на ОУ „Братство и Единство“. 

OhridNews