Советот за радиодифузија и изрече тридневна забрана за емитување реклами на националната телевизија Канал 5, поради невистиното рекламирање со кое се заведува јавноста, како и поради користење презентер на вести во реклами.
Имено телевизијата вчера објави најавна шпица со презентерка на вести во која таа „објавува“ вест дека наводно се случила авионска несреќа, што предизвика вознемиреност и паника во јавноста.
Реагираше и Советот на честа на Здружението на новинари, кој ја осуди постапката на Телевизија Канал 5.
„Советот на честа смета дека станува збор за злоупотреба и груба дезинформација со која својот економски интерес Канал 5 го става над јавниот интерес. На овој начин Телевизијата предизвика страв и заблуда кај граѓаните и тоа свесно, за да изрекламира своја емисија. Постапката на Канал 5, Советот на честа ја оценува како крајно непрофесионална и неетичка, спротивна на сите одредби од Кодексот на новинарите“, велат од Советот на честа при ЗНМ.
Канал 5 се извини за направената грешка, но тоа според Советот не го намалува крајно неодговорниот однос на Телевизија, со кој новинарската професија е симната на максимално ниско ниво, а улогата на медиумот злоупотребена.
-Истовремено, чувствата на граѓаните се повредени и кај нив е предизвикан страв и недоумица. За сето ова, извинувањето на Телевизијата незначи ништо“, се вели во реакцијата од Советот на честа при ЗНМ.